Војната во Газа влезе во седмиот месец без знаци дека наскоро ќе заврши

Војната меѓу Израел и Хамас влезе во седмиот месец по десетици илјади жртви. Наспроти ова, нема изгледи за итен прекин на непријателствата, забележуваат агенциите.

 

Во Каиро продолжуваат преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците на Хамас, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е под зголемен меѓународен и домашен притисок поради вооружениот конфликт.

Десетици илјади луѓе вчера излегоа на улиците на Тел Авив и другите израелски градови за да протестираат против неговото владеење и да побараат подобри заеднички напори за да се обезбеди ослободување на затворениците киднапирани од палестинското движење.

Воздушниот напад оваа недела од страна на израелските сили врз хуманитарен конвој предизвика бурни реакции кај некои од најцврстите меѓународни сојузници на Израел.

Делегација на радикалната палестинска група Хамас планира денеска да го посети Каиро за нови преговори за прекин на огнот, но претходните рунди од тие преговори пропаднаа во последните недели.

Војната започна на 7 октомври, кога стотици терористи, главно од Хамас, но и од други радикални групи кои дејствуваат од Газа, ја пробија силно чуваната граница со Израел и масакрираа соседни градови и музички фестивал, забележа ДПА.

Околу 1.200 луѓе беа убиени на израелска територија, а 250 беа земени како заложници и однесени во Газа. Десетици од нив потоа беа ослободени, додека друг, помал број беа пронајдени мртви или ослободени од израелската армија.

Нападот без преседан предизвика кампања на масовни израелски воздушни напади, по што следеше воена копнена операција која започна само неколку недели подоцна во северниот дел на Појасот Газа и стигна денес до Рафа на југ, минувајќи низ сите поголеми градови во палестинската енклава.

Според владејачкото движење Хамас во Газа, повеќе од 32.500 Палестинци се убиени во израелските напади.

07.04.2024 - 12:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега