Во тек е светската потрага по имињата на овие 22 жени – биле брутално убиени, а никој не знае кои се

 

 

Која е жената чие што тело го пронајде мотоциклист во шума во близина на Хаген во јуни 1997 година – силувана, задавена, а потоа полиена со бензин и запалена? Која е жената чии останки беа пронајдени во мочуриште во близина на Келн во октомври 2001 година и која лежеше мртва толку долго што беше пронајден само нејзиниот скелет? А која е жената чие тело беше донесено покрај реката Везер во Бремен во 2002 година?

Три жени, кои починале од насилна смрт, но нивниот идентитет не е познат. Затоа германската, холандската и белгиската полиција заеднички ја започнаа кампањата „Идентификувај ме“, на која и се приклучи и Интерпол, пишува Дојче веле.

Во тек е светска потрага по имињата на вкупно 22 непознати жртви кои во изминатите децении беа пронајдени во Германија, Холандија и Белгија.

Интерпол смета дека се работи за жени од различни националности

„Ова е првпат Интерпол да објавува информации од „Црните белешки“, обично резервирани за националната полиција, за да ја подигне јавната свест и да помогне во идентификувањето на овие жени и да ги изведе криминалците одговорни за нивните убиства пред лицето на правдата“, велат од Интерпол за ДВ.

Оваа кампања во Германија е поддржана од добро познатото ТВ шоу „Aktenzeichen XY… ungelöst“, во кое од 1967 година се реконструираат нерасчистени случаи на криминал, а сега и убиствата на шест жртви пронајдени во Германија. Иако сè уште не е идентификувана ниту една жена, има се повеќе и повеќе индиции.

„Од започнувањето на кампањата, пристигнати се повеќе од 500 пораки, од кои некои содржат вредни информации. Сите овие нерешени случаи може да имаат меѓународна позадина, на пример, дека жените не се од земјата каде што е пронајдено телото или можеби биле жртви на трговија со луѓе“, објави Интерпол.

Идентификувањето на жртвата е клучно за пронаоѓање на виновникот

Информациите од граѓаните стигнуваат и до локалните истражни органи, изјави за ДВ Ања Алендорф од германската полиција. Нерешените криминални случаи како овие, од кои некои се стари и со децении, се нарекуваат „ладни случаи“. Но, истражителите честопати успеваат да најдат нова трага иако изгледа како да поминала цела вечност од злосторството.

Неодамна во Швајнфурт беше уапсен осомничен – 45 години по убиството на 18-годишник. За случаите на непознати жени од кампањата тоа значи: ако се идентификуваат, тоа ќе биде клучот за откривање на сторителите, вели Алендорф.

„Идентификацијата на жртвата, се разбира, е главната работа. Дури тогаш може да се почне понатамошна истрага за кривичното дело или сторителот. Дури тогаш се знае од каде потекнува жената, каде можеби била во моментот на злосторството. во која средина живеела или работела“, објаснува Ања Алендорф.

Кампањата се фокусира на идентификување на жртвите

Германската полиција претпоставува дека убиените жени потекнуваат од Источна Европа, Африка или Азија и дека најголемиот дел од животот не го поминале во Белгија, Холандија и Германија.

Тоа што не се на списокот на исчезнати лица за Алендорф е јасен показател дека немале интензивни контакти во тие три европски земји. Таа нагласува дека фокусот на кампањата во моментов не е на истрагата, туку на откривање кои се жртвите.

„Не треба да заборавиме дека идентификувањето на жртвите значи и информирање на роднините. За нас многу важен критериум е семејствата да добијат можност да тагуваат по овие жени, мајки или ќерки и жртвите да не лежат во безимени гробови“.

Нови технолошки можности

Фактот дека „студените случаи“ може да се решат и по неколку децении, има врска со новите технолошки можности. Со оваа кампања жртвите од Германија конечно добија лице – направени се таканаречени реконструкции на мекото ткиво на лицето со помош на пронајдените остатоци во високо специјализирани институти. Така јавноста може да ги препознае жртвите. И има ДНК анализа.

„Од доцните 80-ти, можеме да земеме ДНК од забно и коскено ткиво и да создаваме профили на трупови. Нашата база на податоци од 1992 година содржи ДНК профили на исчезнати лица и непознати трупови“, вели Алендорф. Профилите на ДНК се испраќаат до меѓународната база на податоци за ДНК на Интерпол во Лион.

„Така можеме да утврдиме дали ДНК профилот на трупот одговара на исчезнато лице“, пишува ДВ.

30.08.2023 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега