Детали за пожарот во Адвокатската комора: Непознато лице среде ноќ насилно влегло и предизвикало пожар

 


Адвокатската комора на Република Северна Македонија најостро го осудува насилниот напад кој се случи ноќеска, на 25 ноември 2024 година, околу 3:30 часот по полноќ, кога непознато лице насилно влегло во Комората и предизвикало пожар.

Пожарот, како што соопштија од комората брзо бил изгаснат од противпожарните екипи, но била предизвикана значителна материјална штета.

„Најважно е што, благодарение на брзата реакција на надлежните, нема човечки жртви. Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората. Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Северна Македонија. Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив. Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности“, се нагласува во официјалното соопштение.

Ги повикуваат надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад.

Ваквиот напад, според нив, не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети.

Комората, како што е истакнато во информацијата, останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање на опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени.

25.11.2024 - 16:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега