(ВИДЕО) „Сите истрчавме надвор, како да експлодирала мина“: Се појави нова снимка од земјотресот во Хрватска

 


Далмација вчера беше потресена од земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала, со епицентар на 15 километри североисточно од Стариград Пакленица. Земјотресот е регистриран со сеизмографи на Сеизмолошката служба на Република Хрватска во 18 часот и 43 минути, а интензитетот во епицентарот бил VI степени според ЕМС скалата.

Земјотресот е почувствуван во поширокото подрачје на Задар, во Лика, Далмација, како и во делови од соседна Босна и Херцеговина.

„Регистриравме силен земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала. Во следните неколку часа регистриравме три до четири послаби земјотреси, со магнитуди меѓу 1,7 и 2,9 степени“, изјави за ХРТ, сеизмологот Крешимир Кук.

Жителите од различни делови на округот Задар на социјалните мрежи опишаа како чувствувале силни потреси.

„Кафулето беше преполно и наеднаш имаше благ потрес, проследен со силен удар, како да експлодирала мина. Сите истрчавме надвор“, опиша еден жител.

„Се се тресеше. Најпрво се чувствуваше како минува нешто низ земјата, а потоа земјотресот траеше околу пет-шест секунди. Сите излегоа на улица. Ниту една тула не се сруши, па немаше поголема штета, но стравот беше голем“, додал друг жител.

ХРТ објави нова снимка од земјотресот снимена од надзорните камери во Стариград Пакленица.

12.02.2025 - 10:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега