Утре ден на жалост во Охрид по повод смртта на митрополитот Тимотеј
Советот на Општина Охрид денеска со акламација ја усвои предлог-одлуката за прогласување на утрешниот ден за Ден на жалост, по повод ненадејната смрт на митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј.
Согласно одлуката на градските советници, во текот на утрешниот ден знамињата ќе бидат на половина копје, а се откажуваат сите културно забавни збиднувања на територијата на Општина Охрид.
Синодот на Македонската православна црква определи дека заупокоената Света литургија и опелото по повод упокојувањето на владиката Тимотеј да бидат извршени во утре во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 9 часот.
На Светата литургија ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.
Посмртните останки на владиката Тимотеј ќе бидат погребани утре, до јужната апсада на храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа