Украинците масовно бегаат од армијата
Во првите 10 месеци од оваа година, повеќе војници дезертираа од украинската армија отколку во претходните две години заедно. Киев има огромен проблем со пополнувањето на редовите на првата линија на одбраната, додека Русија продолжува да освојува територии на истокот на Украина
Еден од највпечатливите случаи на дезертирање се случи на крајот на октомври, кога стотици војници од украинската 123-та бригада ги напуштија своите позиции во градот Вухледар. Тие се повлекоа во регионот на Миколаев, каде што некои одржаа јавен протест, барајќи подобро оружје и обука. „Дојдовме во Вухледар само со автоматски пушки. Ни рекоа дека ќе има 150 тенкови, има 20… Нема што да не заштити“, рекол офицер од 123-та бригада, пренесува Фајненшл тајмс.
Украинското обвинителство покрена 60.000 случаи против војници поради дезертирање од јануари до октомври оваа година, што е речиси двојно повеќе отколку во 2022 и 2023 година заедно. На осудените војници им се заканува затворска казна до 12 години. Локалните власти наведуваат дека некои војници од 123-та бригада се вратиле на фронтот, додека други се во бегство или во истражен притвор.
На мажите на воена возраст им е забрането да ја напуштат Украина, но некои ја искористија можноста да дезертираат за време на воената обука во сојузничките земји на Украина. Според полските безбедносни служби, просечно по 12 војници месечно бегаат за време на обука во Полска.
Проблемот со дезертерството дополнително ја влошува и онака сериозната ситуација на украинското бојно поле. Од летото, нумеричката супериорност на Русија ѝ овозможи да заземе територија со побрзо темпо отколку во кое било време од 2022 година.
Во исто време, неспособноста на Украина да ротира војници и да обезбеди одмор за исцрпените војници доведе до зголемени жртви и обесхрабрување на потенцијалните регрути. Офицер од 123-та бригада изјави дека во трите години од војната, нивната единица немала ниту една ротација, што нормално би вклучувало враќање на војниците во базата за одмор, обука и поправка на опремата.
„Никому не му требаше Вухледар“, рекол офицерот. Градот беше срамнет со земја пред повеќе од една година, па тој не гледа смисла да го испрати својот народ во опасност. „Тие само ги убиваат, наместо да им дадат шанса да се рехабилитираат и одморат“. Сличен начин на размислување имаат и десетици војници од регионите на Миколаев и Запорожје, кои за Фајненшл Тајмс изјавија дека се исцрпени, фрустрирани и се борат со ментални проблеми.
Украина планира да мобилизира околу 160.000 нови војници во следните три месеци. Меѓутоа, регрутните службеници стекнаа лоша репутација поради малтретирање мажи и се појавија низа корупциски скандали, вклучително и издавање лажни лекарски уверенија во замена за мито.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа