УЈП: Платете данок - блокираме сметки на 23 декември

 

Управата за јавни приходи ги повикува даночните обврзници кои не го платиле долгот по основ на ДДВ за месец октомври 2024 година, да го сторат тоа во најкраток можен рок, за да не се соочат со мерки на опомена и блокирање на трансакциските сметки.

Според обработката на ДДВ пријавите, вкупниот износ на ДДВ долгот за октомври 2024 година изнесува 2,99 милијарди денари, пријавени од страна на 3,949 даночни обврзници. Управата за јавни приходи им се заблагодарува на дисциплинираните даночни обврзници кои ја платиле својата даночна обврска во законскиот рок до 25 ноември.

„Согласно анализата, останатите 1,198 даночни обврзници кои не ја исполниле својата обврска, ги повикуваме да ја платат својата даночна обврска без одложување со вкупен износ од 758,6 милиони денари. За секој ден задоцнето плаќање, согласно законот ќе се пресметува камата од 0,03% од преостанатиот долг. Даночните обврзници кои и по овој повик нема да ја уплатат својата обврска по основ на ДДВ, од 3 декември преку порака ќе добијат опомена, ако и по таа мерка не го платат долгот, веќе од 23 декември ќе се започне и со мерки за блокирање на нивните трансакциски сметки“, информираат од УЈП.

Редовното и навремено плаќање на даночните обврски не само што е законска обврска, туку е и основа за финансиска стабилност на нашето општество. Со навремено исполнување на даночните обврски, придонесуваме за развојот на инфраструктурата, здравството, образованието и другите важни јавни услуги, што сите ги користиме.

„Со навремено исполнување на даночните обврски, заедно придонесуваме за просперитетна иднина“, велат од УЈП.

02.12.2024 - 08:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега