Трипуновски: Нема да дозволам земјоделци фантоми да профитираат на грбот на државата
Земјишната политика е клучен елемент во делот ако сакаме да го враќаме производството таму каде што некогаш бевме. Мојата обврска во првите месеци е ревизија на се она што е поделено како земјоделско земјиште, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во гостување во емисијата „Аграр“.
Ние, појасни, само сакаме да провериме дали земјоделското земјиште во државна сопственост се работи согласно за тоа што било побарано да биде користено.
Нагласи дека се спроведува акција во делот на контролата на големите корисници, односно кај големите површини кои што се дадени на одредени правни субјекти. За почеток, додаде, имаше два правни субјекти кои што бесправно го користеле земјоделското земјиште, а од друга страна користеле и субвенции.
-Оваа контрола ќе продолжи во наредниот период. Контролата ќе значи ослободување на земјоделското земјиште кое ќе биде доделено на вистинските земјоделци, посочи Трипуновски.
Порача дека нема да дозволи земјоделци фантоми да профитираат на грбот на државата.
-Минатата година завршивме јавен повик кој што беше објавен во времето на техничка Влада и поделивме 967 договори. Додека, пак, пред месец и половина, за време на новогодишните празници течеа јавни повици кои што беа на барање на земјоделците. Јавните повици завршија, комисиите работат и крајниот рок е некаде средина на месецот да бидат изработени сите апликации. Пристигнати се над 2.000 апликации, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека наредната фаза на распределба на земјиште ќе биде со оглас, со точно дефинирани парцели. Тогаш ќе има парцели не помали од 10 хектари, бидејќи, како што кажа, потребно е да се размислува и на окрупнување на земјиштето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа