Тошковски: Обуката на службени кучиња е пример за успешна регионална соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Регионалниот К9 центар за обука и сертификација во полицискиот центар во Ѓорче Петров присуствуваше на почетокот на регионалната обука за распоредување на службени кучиња во тешко пристапни терени, која се спроведува во рамките на проектот “Поддршка на националните власти во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, информираат од МВР.
Министерот Тошковски потенцирал дека овој проект не е само почеток на стандардна професионална обука, туку пример за успешна меѓународна соработка, на партнерство засновано врз доверба, заеднички цели и посветеност кон зголемена безбедност на локално, регионално и глобално ниво.
-Пред единаесет месеци од истово место бевме сведоци на почеток на работата на Регионалниот К9 центар за обука и сертификација-значаен дел од целокупниот систем на безбедност како на оперативно, така и на стратешко ниво. Во изминатата речиси една година центарот беше домаќин на голем број на работилници, обуки и тренинзи. Соработката на нашата институција со Мисијата на ОБСЕ претставува еден од носечките елементи во процесот на надградување на капацитетите на полицијата по стандардите на Европската Унија., потенцирал министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласил дека целта на Министерството е иднината на овој центар е тој да прерасне во регионален центар во областа на зајакнување на капацитетите на агенциите за спроведување на законот, преку современи обуки и пренос на експертиза во користење на службените кучиња.
- Службените кучиња се посебен дел од нашите безбедносни системи. Тие не претставуваат алатка, туку истите се партнери и дел од полицијата, кои со својата обученост имаат непроценлива улога во спасувањето на животи. Во многу случаи, нивната реакција е пресудна за успех на целата акција. Но зад секое службено куче стои полициски службеник, тренер и институција. Поради тој факт знаеме дека вложувањето во капацитетите на единиците за службени кучиња е вложување во поголема безбедност за сите нас, образложи министерот Тошковски.
Тошковски на крај се заблагодари на ОБСЕ и нашите меѓународни партнери и потенцираше дека раководството на министерство останува цврсто посветено во градење на систем за безбедност кој ќе биде гаранција за напредокот на нашата држава и сигурноста на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа