Универзитетите во Авганистан деновиве им забранија на жените влез затоа што „не го почитуваа кодексот на облекување", рече министерот за високо образование на талибанската влада во изјава за државната телевизија, објаснувајќи го потегот што длабоко ја потресе земјата.
„Оние студентки кои доаѓаа на универзитет не ги почитуваа упатствата за носење хиџаб. Хиџабот е задолжителен во исламот“, рече министерот Неда Мохамад Надим.
Според министерот, девојките кои патувале од своите родни места во друга покраина за да студираат „не биле придружувани од ‘махрам’, возрасен маж“, тврди тој. „Нашата авганистанска чест не дозволува млада муслиманка од покраината да патува во далечна покраина без да биде придружувана од татко, брат или сопруг“, рече тој.
Министерот во вторникот вечерта во кусо писмо без дополнителни објаснувања им нареди на сите државни и приватни универзитети да им забранат на студентките влез на предавања на неопределено време.
По враќањето на власт во август 2021 година, талибанците ги принудија образовните институции да прифатат нови прописи, особено да ги одвојуваат девојките од момчињата во училниците. Понатаму, само женски или постари мажи смеат да подучуваат девојки.
Овој нов напад врз правата на жените дополнително ги шокираше девојките бидејќи талибанците на почетокот на оваа година ги спречија девојките да се запишат во средните училишта и покрај меѓународната осуда. По забраната издадена во вторникот, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, Европската унија и САД реагираа со осуда на ваквата одлука.
Американскиот секретар за одбрана Антони Блинкен денеска ги повика талибанците да се откажат од забраната на жените да студираат на универзитети, бидејќи така ги осудуваат Авганистанките на „темна иднина не нудејќи им можности“. Блинкен во говорот на прес-конференција по повод крајот на годината рече дека ваквиот пристап нема да ги подобри односите, туку ќе сноси последици.
„Тие ќе ја платат цената ако не се откажат од таа забрана“, рече Блинкен. Кога се вратија на власт во август 2021 година, талибанците ветија дека ќе бидат пофлексибилни, но главно се вратија на ултра строгото толкување на исламот што го одбележа нивниот прв период на власт (1996-2001).