Сиљановска Давкова прими претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија – ЗМСТАМ.
Раководството на здружението на средбата ја запозна претседателката Сиљановска Давкова со нивните заложби за континуирано подобрување на стандардите на сестринската и акушерската пракса, унапредување на положбата на сестрите и акушерките на работните места, како и за нивниот ангажман како здружение во насока на подобрување на здравствениот систем, во целина. Во тој контекст, истакнаа и неколку приоритетни прашања за нив, односно да се донесе Закон за здравствена и акушерска нега, да се признае и да се вреднува високото образование на сестрите и акушерките, како и нивните специјализации вградени во колективниот договор, во согласност со Конвенцијата 149 на Меѓународната организација на трудот, да се воведе менторство во сестринската пракса, да се вреднува искуството на сестрите со средно образование, а кои имаат повеќегодишно специјализирано работно искуство, како и да се зголеми улогата на патронажните сестри во пружање примарна здравствена нега.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека медицинските сестри, техничарите и акушерките се исклучително важна алка во синџирот на целокупната здравствена заштита и притоа изрази поддршка за активностите на здружението, како единствена професионална организација која ги претставува сестрите, акушерките и сестринството.
На денешната средба присуствуваа претседателката на здружението, Велка Гавровска, заменик –претседателката Тања Трајковска, Валентина Горичанец, секретар на ЗМСТАМ, како и Гордана Димеска, претседателка на невролошката секција и делегатот Гоце Марковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа