Шведска го презема претседателството со Советот на ЕУ

 

Безбедноста, отпорноста, просперитетот и демократските вредности и владеењето на правото ќе бидат четирите приоритети на Шведска која од денеска претседава со Советот на Европската Унија.

Шведската Влада претходно објави дека овие приоритети ги одразуваат позициите што Шведска традиционално ги претставува во Европската Унија, но дека се во согласност и со актуелните геополитички и економски предизвици со кои се соочува Унијата.

Шведска го презема шестмесечното претседавање во време на историски предизвици за членките на ЕУ, кога руската агресија во Украина претставува закана за европската безбедност, со страшни последици за миграцијата и глобалното снабдување со храна и енергија.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, претставувајќи ги приоритетите на претседавањето со ЕУ во шведскиот Парламент, рече дека војната за Украина ќе има одлучувачко влијание врз тоа претседателство.

– Во некои аспекти знаеме точно за што се работи. Во други, немаме поим какви ќе бидат последиците. Што ќе се случи една година по инвазијата? Подоцна во пролетта или летото 2023 година? За време на своето претседавање, Шведска ќе биде подготвена да дејствува брзо и одлучно, рече Кристерсон.

– Примарната задача на нашето претседателство ќе биде да помогнеме во осигурувањето на безбедноста на Европа. Така, системски ќе помагаме на Украина, но и на тој начин, што во сè понебезбедниот свет, ќе ја нагласуваме геополитичката важност на ЕУ, рече Кристерсон.

Тој истакна дека неговата земја ќе биде мотор за имплементација на целите дефинирани во стратешкиот компас на ЕУ, но и во истакнувањето на важноста на внатрешната безбедност на ЕУ и борбата против организираниот криминал.

Во соопштението на шведската влада за приоритетите, се наведува дека европските економии се сериозно погодени од војната во Украина и инструментализацијата на енергенсите.

„Зголемената инфлација, растот на каматните стапки и цената на енергијата ги погодуваат компаниите и граѓаните. Иако се преземени решителни мерки, клучно е да останеме доследни на транзицијата кон зелена економија и да ги зачуваме основите на нашиот економски модел за долгорочен раст“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на шведското претседателство.

„Нашето единство и подготвеност да дејствуваме остануваат клучен фактор за безбедноста, издржливоста и просперитетот на ЕУ“, се додава во соопштението.

За шведското претседателство, во рамките на безбедноста и единството на ЕУ како приоритет, клучна ќе биде континуираната економска и воена помош за Украина, како и работата на обновата и европската интеграција на таа земја.

„Со цел да ја зајакнеме безбедноста на ЕУ и нејзините граѓани, мораме да изградиме консензус во насока на робусна европска безбедносна и одбранбена политика, во тесна соработка со нашите партнери“, што вклучува „имплементација на стратешкиот компас и други иницијативи“. Како важен безбедносен фактор се наведува продолжувањето на борбата против прекуграничниот криминал.

Како дел од вториот приоритет, издржливоста и конкурентноста, шведската влада нагласува дека ЕУ, како најголем единствен пазар во светот, мора да биде способна успешно да се натпреварува на странските пазари.

„ЕУ мора да продолжи да обезбедува најдобри можни услови за здрава и отворена економија, заснована на слободна конкуренција, приватни инвестиции и успешна дигитализација“, се вели во соопштението.

Како дел од третиот приоритет, просперитетот и зелената и енергетска транзиција, шведското претседателство ќе продолжи да прави напори за решавање на проблемот со високите и нестабилни цени на енергенсите и во исто време да се занимава со прашањето за долгорочна реформа на енергетскиот пазар.

Се проценува дека глобалните климатски промени бараат глобален одговор и дека Европа мора да води со пример. „Заедничките европски чекори кон независност од фосилните горива се неопходни не само за зелената транзиција, туку и за нашата безбедност“, но и дека транзицијата кон кружна и зелена економија бара големи инвестиции во иновативните индустрии.

„Мораме да обезбедиме правилни регулаторни и рамковни и политички стратегии за да ги привлечеме тие инвестиции“, се вели во соопштението.

Четвртиот приоритет на шведското претседателство ќе бидат демократските вредности и владеењето на правото, за кои се вели дека се темелите на ЕУ и „го отвораат патот за кохезија, индивидуални слободи, недискриминација, подобри економски резултати и глобално влијание.

„Афирмацијата на принципите на владеењето на правото и основните слободи е витален елемент на шведското, а всушност и на секое претседателство со Европската Унија“, соопшти шведското претседателство.

Шведска денеска го презеде претседавањето со Советот на ЕУ од Чешка, а на 1 јули функцијата ќе и ја предаде на Шпанија.

01.01.2023 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега