Се огласи портпаролката на Мирко Попов: Почитувајте го неговото семејство
Мирко Попов (51), еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика, во вторникот беше хоспитализиран на една од скопските клиники. Неофицијално, причината за хоспитализацијата била обилно мозочно крварење.
Откако беше објавена веста за влошената здравствена состојба на Попов, на социјалните мрежи се појавија повеќе лажни објави дека музичарот починал.
Ивана Тасев, која е негова советничка и претставничка за односи со јавноста, сега ги демантираше овие објави и ги замоли новинарите да не ги пренесуваат на своите медиуми без да ги проверат.
„Во името на семејството на Мирко Попов, како и во мое име како негов советник за односи со јавноста, најљубезно ве замолувам да не преземате статуси, односно непроверени информации, од социјалните мрежи, каде овие два дена кружат лажни вести дека Мирко Попов починал.
Земете предвид дека Попов, пред сѐ, е родител на две деца и дека ги вознемируваме нив и неговото поблиско семејство. Во овие тешки моменти за нив, ве замолувам да бидеме луѓе и да се проверуваат овие информации кои поединци ги пишуваат на социјалните мрежи“, напиша Тасев во соопштението до медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа