СДСМ одлучи: Ќе гласа за интерпелација на Гаши

Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираат од партијата.

„За само два месеца се случија серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а одоговорност нема за никого.

Таков е случајот и со претседателот на Собранието.

Имаше скандалозен инцидент на аеродромот во Скопје, во кој, меѓу другото, обезбедувњето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол и ги прекрши правилата и законите.

Во својот извештај МВР контатира дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што одговорноста директно ја насочи токму кон Гаши, кој ја дал наредбата на обезбедувањето.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски требаше да бидат првите што ќе побараат одоговорност за Гаши по оваа констатација на МВР“, истакнуваат од СДСМ.

Од опозициската партија потсетуваат на скандалот со службеното возило на свадба.

„Потоа сè уште поголем скандал со минување на границата со Косово на сватовите на Гаши со приватни возила и без никаква контрола.

Мицкоски ветуваше дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност доколку се докаже дека работел спротивно на правилата и законите, а сега ревносно го брани Гаши по сите скандали“, додаваат од оваа партија.

Политичката одговорност мора да има и затоа пратениците на СДСМ ќе гласаат за итерпелацијата, а во дискусијата во македонското Собрание ќе ги изнесат сите аргументи, појаснуваат од СДСМ.

02.09.2024 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега