СДСМ: Граничната рампа кон Косово била отворена за сватовите на Гаши со приватни возила, внатрешна контрола на МВР и ЈО да спроведат истрага

 

Тоа што спикерот Африм Гаши приватно, со службено возило и обезбедување бил на свадба во Косово е само мал дел од скандалот во кој, како што објавија денеска од СДСМ, улога имало и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Имено, портпаролката на најголемата опозициска партија денеска на прес-конференција обвини дека рампата на граничниот премин „Блаце“ кон Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Поради ова, од СДСМ побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Она што се крие од јавноста е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без конотрла. Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанати“, изјави Кузеска.

Да биде скандалот уште поголем, додаде таа, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите, односно приватни лица, што, како што нагласи Кузеска, е законски недозволено.

„Ова значи дека границата била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон.  Ова е почитувани граѓани, целосен башибозук и газење на законите, институциите и достоинството на државата. Државната граница се третира како партиска своина на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ“,

истакна портпаролката на СДСМ. 

Од СДСМ прашаа кој ја дал наредбата за кревање на граничната рампа и кој од МВР бил одговорен да го организира, како што посочија „самоволието на Гаши“, и воедно повикаа Јавното обвинителство да спроведе сериозна истрага и да се побара одговорност од сите инволвирани во скандалот.

„Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави. Почитувани, сега стана јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал. Тоа е затоа што истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се фасцилитатори на ова каубојско однесување и треба да одговараат“, децидна беше Кузеска. 

20.08.2024 - 11:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега