Референт во „Национални шуми“ заврши во притвор - земал по 200 евра за да не врши контроли
Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за продолжено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик против службено лице – самостоен референт во ЈП „Национални шуми“ ПШС Беласица – Струмица.
Во периодот од септември 2020 до ноември 2024 година, осомничениот директно барал подарок во паричен износ од неколку лица со цел да не изврши контроли кои морал да ги изврши. Со тоа на лицата им овозможувал да добиваат дозволи за селска сеча по повеќе пати и дрвната маса да ја продаваат на трети лица. За тоа од нив барал и добивал поткуп од по 200 евра месечно. Бил затекнат како прима поткуп од едно од лицата, кое по претходен телефонски договор требало да му исплати пари за да врши селска сеча на планината Огражден.
По предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа