Пренџов: Зелено светло за намалување на царинските давачки за голем број суровини

 


Со усвојување на Законот за изменување и дополнување на Законот за царински тарифи создаваме економија што работи за граѓаните, за компаниите и за иднината на нашата земја. Се предвидува намалување до 50 проценти на царинските стапки кои важат во ЕУ, а дополнително, се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД, изјави денеска од Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов.

Со изгласувањето на овие измени, како што посочи Пренџов, Собранието даде зелено светло на планот на Владата за намалување на царинските давачки за голем број суровини и репроматеријали кои се клучни за домашната индустрија и енергетскиот сектор.

Како што дополни, списокот опфаќа 67 производи, и е изработен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора и бизнис-заедницата.

Напомена дека со предлогот се предвидува намалување до 50 проценти на царинските стапки кои важат во ЕУ. Дополнително, се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД.

Пренџов посочи дека овие мерки ќе имаат повеќеслојно позитивно влијание - намалени трошоци за производство, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување на нови инвестиции и отворање нови работни места.

-Ова не се само економски бројки – ова се одлуки со директно влијание врз секојдневната економија, врз реалните процеси во фабриките, малите бизниси, и извозно ориентираните компании. Укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска, туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија, додаде Пренџов.

Како што дополни, со оваа законска измена македонските компании ќе бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, а извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија.

-Ова е само еден сегмент од поширокиот План за економски раст – план што нуди издржани, применливи и проверливи решенија за подинамична економија и ефикасно домашно производство. Се посветуваме на економијата во пракса – не на економијата на хартија. Ова се решенија што носат резултати, додаде Пренџов.

25.06.2025 - 12:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега