Почеток на нова дипломатска мисија: Силјановска-Давкова го прими амбасадорот на Шпанија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова оцени дека двете пријателски земји ги поврзуваат 30 години на богати дипломатски односи, традиционално и искрено пријателство, засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап, посочувајќи дека ваквата заедничка определба претставува уште еден мост во градењето на поцврсти пријателски односи меѓу нашите две земји.
„Ја користам оваа прилика да искажам и уважување за досегашната поддршка што Шпанија ја дава на нашиот евро-интегративен процес. Силно сме посветени на спроведувањето на домашните реформи со свежа енергија. Поддршката на Шпанија е од особено значење за постигнување на реформските цели. Очекувам, во претстојниот период, поддршката засилено да продолжи и, во таа смисла, се надевам дека и Европската Унија ќе покаже појасна посветеност кон проширувањето“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека Шпанија е важен партнер и НАТО сојузник, земја која се залага за исти цели како и нашата држава.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази уверување дека пред двете држави претстои успешен период, со изразени можности за јакнење на соработката, како на билатерален, така и на меѓународен план.
Во своето обраќање, амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз истакна дека по однос на пристапните аспирации на нашата држава, Шпанија е цврст бранител на процесот на проширување.
„Се наоѓаме пред одлучна фаза од овој процес кој мора да го искористиме. Мојата земја брани една европска политика која како суштинска компонента ја има проширувањето на европското семејство со цел создавање на заеднички простор на правила и вредности со кои ќе се обезбеди добросостојба на нашите граѓани, како и на нашето успешно учество во предизвиците од глобализацијата“, рече амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Шпанскиот амбасадор нагласи дека еден од нивните приоритети ќе биде и образовната и културната соработка, при што ги посочи промовирањето на универзитетските размени, заедничките истражувања и изучувањето на шпанскиот јазик како примарни цели, како и создавањето на културни простори за размена и споделена рефлексија, што ќе придонесе за меѓусебно подобро познавање.
Претседателката Сиљановска Давкова упати благодарност до амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз што се обрати на македонски јазик на почетокот и крајот на неговото обраќање на церемонијата и му посака успешно извршување на одговорната функција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа