Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите ќе бараат оставка од актуелната претседателка на Здружението на пензионери

Пензионерите од Штип, Свети Николе, Кочани кои протестираа и бараа линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари денеска од Штип најавија и повикаа на протест на 3 септември пред канцелариите на Здружението на пензионери во Скопје. Трајче Станојков пензионер од Свети Николе и член на Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите вели протестот е со цел оставка на актуелната претседателка, Станка Трајковска.

-На 3 септември во Скопје сите масовно да излеземе и да и кажеме на госпоѓата Станка Трајковска дека нејзината авантура со Здружението на пензионери е завршена и дека таква жена која не дава поддршка на 200.000 пензионери кои беа за линеарно зголемување не е потребна. Затоа да си поднесе оставка од нејзината функција, заедно со сите тие кои се во раководството, вели Станојков.

Трајче Митев пензионер од Штип вели дека бараат и ревизија на финансиското работење на Здружението на пензионери.

-Дадовме барање до државниот Завод за ревизија, Управа за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи и Финансиска полиција да се открие и да се види дали има малверзации во Здруженијата, вели Митев.

Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите бараат измени и нови Закони во делот на зголемувањето на пензиите, но и на постапката на кој се бира претседателот на Здружението на пензионери и колку години да биде неговиот мандат. 

21.08.2024 - 12:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега