Орбан: Се наоѓаме на неколку сантиметри од точката од која нема враќање

 

Унгарија мора по секоја цена да се држи настрана од мисијата на НАТО во Украина, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден ден откако генералниот секретар на алијансата изјави дека нема планови за испраќање војници во оваа земја разурната од војна.

Тој во интервју за јавното радио рече дека Будимпешта нема ни да учествува во фазата на планирање на таа мисија предупредувајќи на ризикот унгарските единици да бидат префрлени под команда на НАТО и да се искористи унгарската територија доколку почне мисијата на алијансата во Украина.

„Ќе изгубиме клучен дел од нашиот суверенитет ако тоа се случи, тогаш нема да можеме да ги држиме унгарските војници надвор од војната“, рече Орбан, цитиран од унгарската новинска агенција МТИ. Тој најави дека моментот кога Унгарија ќе се повлече од сите подготовки на НАТО за мисијата во Украина е многу блиску.

Тој додаде дека за таков чекор првин мора да се разговара со сегашниот и со идниот генерален секретар на Северноатлантскиот договор. Актуелниот лидер на алијансата, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека НАТО не планира да испрати војници во Украина.

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека Унгарија има право да се придржува до основниот договор за НАТО, на кој се приклучивме“, рече Орбан нагласувајќи дека НАТО е дефиниран како одбранбен сојуз. Унгарскиот премиер тврди дека Европа е во состојба на воена психоза, што логично може да резултира со пристигнување западни војници на украинска територија.

Гледајќи наназад, лесно може да се види дека „се движиме побргу и побргу кон отворен конфликт“, тврди Орбан.

„Оние што велат дека нема закана од директна војна, го мамат народот“, убеден е тој. И унгарскиот премиер смета дека има кампања за замолчување на политичарите што се залагаат за мир.

Тој го наведе нападот врз словачкиот премиер Роберт Фицо и наводното блокирање на покривањето на Маршот на мирот што се одржа во Унгарија минатата сабота. Се подготвува директен конфликт, предупреди Орбан, додавајќи дека „се наоѓаме на само неколку сантиметри од точката од која нема враќање“.

Орбан ги објави своите мрачни предупредувања пред изборите за Европскиот парламент оваа недела, на кои гледа како шанса да се запре ескалацијата на војната. „Имаме шанса да ја запреме војната“ на овие избори, смета унгарскиот лидер.

„Тогаш ќе имаме неколку тешки месеци до изборите во САД, кои ќе можеме да ги преживееме“, продолжи тој. И кога претседателот Доналд Трамп ќе се врати, „можеме да формираме панзападна трансатлантска мировна коалиција“ и да ја запреме војната, заклучи тој.

07.06.2024 - 11:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега