Христовски од АНБ ги отвори вратите за студентите: Фокус - борбата против тероризмот

 

 

Денеска во просториите на Агенцијата за национална безбедност се реализираше студиска посета од страна на студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, која претставува значаен чекор во зајакнувањето на врските помеѓу академската заедница и безбедносните институции на државата. Оваа активност е дел од предвидените иницијативи што произлегуваат од Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Факултетот за безбедност.

Посетата е особено значајна, бидејќи за прв пат од своето основање, Агенцијата официјално ги отвори вратите за студентска публика. Оваа можност беше овозможена со поддршка и иницијатива на директорот на АНБ, Бојан Христовски, кој ја препозна важноста од непосредно запознавање на идните кадри со практичната работа и улогата на институцијата во системот на националната безбедност.

Во текот на посетата, студентите имаа можност да се запознаат со мисијата, надлежностите, организациската структура и оперативните приоритети на Агенцијата. Преку предавања и презентации од страна на искусни професионалци и експерти, студентите добија поширок увид во начинот на работа, тековните активности и предизвиците со кои се соочува АНБ во контекст на заштита на уставниот поредок, спречување на разузнавачки и субверзивни дејствија, како и соочување со современи безбедносни закани.

Особено внимание беше посветено на прашањата поврзани со борбата против тероризмот, сајбер-безбедноста, странското разузнавање и хибридните закани, кои претставуваат актуелни области од интерес и за академската заедница и за безбедносните институции. На тој начин, посетата придонесе за надградба на теоретските знаења на студентите со практични перспективи и реални искуства од терен.

Оваа посета е дел од пошироките напори за унапредување на практичната едукација, размена на знаења и креирање на отворен дијалог помеѓу академските институции и стратешките државни субјекти. Агенцијата за национална безбедност и Факултетот за безбедност ќе продолжат со имплементација на заеднички активности, вклучително и обуки, работилници и научни трибини, со цел градење на професионални капацитети и поддршка на младите во нивната професионална определба.

 

12.05.2025 - 17:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега