Сиљановска-Давкова врачи признанија на истакнати личности од дијаспората
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го врачи признанието, кое во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области.
Оценувајќи ја работата на Македонија 2025 како обединувачка, плодна, успешна и корисна, таа информираше за процесот на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи.
За исклучителна научна работа признание доби Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина.
Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили.
За претседателката хуманоста и солидарноста се вградени во нашиот код и крунисани со животната приказна и дело на Мајка Тереза. Очекува, како што рече, „ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани“.
Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.
На средбата со Бордот на директори, по успешните, но и емотивни приказни на врвни бизнисмени и истакнати претставници на дијаспората се потенцираше важноста на негувањето и пренесувањето на чувството на припадност од генерација на генерација, како неопходно во зачувувањето на националниот идентитет.
Таа истакна дека со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност.
Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа