ОЈО: Поведена постапка против екс директор на јавни патишта и уште против пет лица

 


Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.

Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи.

Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување  24/7  на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена,  а  на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување  за целиот период на договорот се до неговото раскинување.

Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно.

Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран. Таквите контроли не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале  барањата за одобрение за плаќање.

Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување.

На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист  во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле  штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.

25.03.2025 - 14:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега