Одреден притвор за екс-директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски
Одреден 30-дневен притвор за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски кој вчера беше приведен, а Јавното обвинителство отвори истрага за проневера во СОЗР.
-По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица – едно осомничено за продолжени кривични дела – Примање поткуп од член 357 став 1 и Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1, додека другото е осомничено за продолжено Давање поткуп од член 358 став од Кривичниот законик. Првоосомничениот, во периодот од 09.06.2021 година до 13.06.2024 година, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши. Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, односно потпишувал изјави за непостоење на судир на интерес и не се изземал во постапките за вкупно 5 јавни набавки на кои била избрана фирмата сопственост на второпријавениот, иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило “Фолксваген пасат” сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заенички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп, соопштија претходно од Јавното обвинителство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа