Алкалоид со уште едно значајно откритие пред светската научна јавност

 

Истражувачкиот тим на „Алкалоид“ во директна соработка со престижниот  Макс Планк Институт од Штутгарт и Институтот за хемија при ПМФ Скопје, за прв пат во светски рамки ја реши кристалната структура на соединението кодеин фосфат сесквихидрат, супстанца која зазема значајно место во фармацевтската индустрија и се употребува повеќе од половина век.

Познавањето на кристалната структура на секое фармацевтски-активно соединение е од исклучителна важност за детално дефинирање на неговите физичко-хемиски својства.

Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во едно од трите најреномирани научни списанија во областа на хемијата на светско ниво - “Chemical Communications“. Резултатите се публикувани во вид на оригинален научен труд под наслов “On the hydrates of codeine phosphate: The remarkable influence of hydrogen bonding on the crystal size“. Главниот експеримент беше изведен во Институтот Макс Планк во Штутгарт, од страна на м-р Томче Рунчевски, научен соработник на „Алкалоид“.

 

Овој исклучително значаен научен предизвик, чии резултати се плод на тригодишна континуирана систематска студија, претставува огромен успех за „Алкалоид“ како македонска компанија, но и за целокупната домашна и светска научна јавност. Компанијата и во иднина ќе продолжи да ги поддржува проектите од овој тип, кои придонесуваат за дополнителна афирмација на Република Македонија во светот.

 

Пред неполна година, истражувачкиот тим на „Алкалоид“, по иницијатива на д-р Ѓорѓи Петрушевски, за прв пат пред научната јавност ја презентираше кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат, во соработка со две научно-истражувачки лаборатории.

27.03.2014 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега