Иванов од Лозово: Целта ни е да се отворат нови работни места
Македонија е земјоделска земја. Нашиот народ со векови ја обработувал земјата која му давала плод. Владата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година до сега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годината ќе се исплатат уште 140 милиони евра. Со инвестирање во земјоделството, Македонија може да се прехрани и себе, и другите.
Ова го порача кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов попладнево на митинг во Лозово, познато по виновата лоза и добро вино и ракија.
Земјоделските и сточарски производи, житните култури и грозјето, нагласи, треба лесно и брзо да ги пласирате на пазарите низ Македонија. За тоа, рече, се инвестира во инфраструктурата. Се градат, обновуваат и прошируваат патиштата, како што е патот од Велес преку Лозово до Кадрифаково.
Иванов посочи дека државниот врв и државните институции ќе продолжат да привлекуваат нови странски инвестиции во Македонија. - Каде и да одам, се трудам да обезбедам услови за подобар, поквалитетен живот на сите граѓани на Македонија. Државата работи навистина посветено и ги исполнува ветувањата. Се гради и пречистителна станица за вода за пиење, се прават и поправаат селските улици низ општината. Веќе е доделена лиценца за аптека тука, кај вас, во Лозово, рече Иванов.
Истакнувајќи дека досега се отворени 120.000 работни места во Македонија, истакна дека целта е да се отвораат повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да заработуваат и да си ја планираат иднината на децата.
- Ќе давам поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Ќе ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување, рече Иванов.
Тој додаде дека во Лозово веќе се спроведуваат и активни мерки за вработување, едукација за отпочнување бизнис, за јазици и компјутери, обуки кај работодавачи...
Ја побара нивната поддршка за да продолжи да работи на развој на земјоделството, сточарството, инфраструктурата.
Македонија, рече, да ја правиме подобро место за сите. Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество, а тоа се Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места, како и Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите.
ФОТО: МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа