Во последните 24 часа се случиле 8 сообраќајки - пајакот пак ги чистеше скопските улици
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно осум сообраќајни незгоди.
Од нив, пет се со последица материјална штета, една со последица телесна повреда во која со полесни повреди се здобил еден пешак и две со последица тешка телесна повреда. Едната се случила во 11 часот и 15 минути на крстосницата од улиците „Христо Татарчев“ и „Дебарска“ и во истата учествувале мотоцикл со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје и патничко моторно возило со штипски регистарски таблички. Како последица од оваа незгода со телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот и е пренесен во Ургентниот центар каде што се констатирани тешки телесни повреди.
Втората незгода со тешки телесни повреди се случила во 12 часот и 50 минути на бул. „Александар Македонски“ наспроти бензинската пумпа на „Макпетрол“ во која учествувале патничко моторно возило „шевролет“ со скопски регистарски таблички и патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски таблички, управувани од граѓани на Скопје. Со тешки телесни повреди се здобил возачот на „шевролетот“, а со полесни повреди се здобиле возачот и сопатникот во патничкото возило „БМВ“.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција санкционирани се 32 возачи кои не ги почитувале правилата за првенство на минување на крстосница, 17 возачи кои ги користеле мобилните телефони за време на управување на возилата, пет возачи кои биле под влијание на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и пет возачи коишто не отстапиле предност на минување на пешаци на обележан пешачки премин.
Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 32 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Во рамки на сообраќајно воспитните акции Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Браќа Рамиз“ во општина Шуто Оризари.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа