„Алкалоид“ во ново партнерство со Црвениот крст на Република Македонија

 

Позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот од агендата на своето делување, „Алкалоид“ склучи ново партнерство со Црвениот крст на Република Македонија, финансирајќи го ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв, како и понатамошното функционирање на истиот. Главна цел на обновениот центар, е да се афирмира не само како место за дарување крв, туку и како база за едукација на потенцијалните крводарители и за разменување меѓусебни идеи и искуства во рамки на крводарителската дејност.

Денот на основањето на Црвениот крст на Република Македонија и Денот на крводарителството во македонски рамки, беа пригодно одбележани со промовирање на ребрендираниот Дневен центар во просториите на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Генералниот директор и Претседател на УО на "Алкалоид", г. Живко Мукаетов, во рамки на своето пригодно обраќање, истакна дека му претставува особена чест што компанијата којашто ја води, е дел од хуманата мисија на Црвениот крст на Република Македонија.

Мисијата на "Алкалоид" е апсолутно комплементарна со таа на Црвениот крст, во делот на грижата и помагањето на луѓето на кои тоа им е најпотребно. Нашата компанија и во иднина ќе помага и ќе го стимулира крводарителството, како една исклучително хумана дејност од секојдневното живеење.

 

Од Црвениот крст потенцираат дека покажаната и докажана поддршка од од страна на „Алкалоид“, претставува пример за тоа како треба да изгледа и да функционира една општествено-одговорна компанија во вистинска смисла на зборот. 

17.03.2014 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега