Таравари на локалните избори ќе коалицира и со ДУИ и со ВРЕДИ
Доскорешниот министер за здравство Арбен Таравари кој ја напушти Владата сега вели дека на претстојните локални избори ќе соработува и со ДУИ и со ВРЕДИ.
На Вонредното собрание на Алијанса за Албанците на кое тој разреши неколкумина кои му го свртеа грбот и решија да останат со владиното мнозинство Таравари рече дека тоа е од интерес на Албанците.
„Во Битола, Кичево, Брвеница, Чашка, Преспа и во Бутел ќе соработуваме и со ДУИ и со Влен бидејќи само така можеме да им помогнеме на Албанците, тоа е од албански интерес. Во другите општини ќе видиме, немаме дефинитивна одлука. Не исклучуваме соработка со која било опозициска политичка партија, освен Левица“, рече Таравари.
Вонредното Собрание, на кое разрешен беше претседателот на партиското Собрание Арбен Фетаи, го иницирале две третини од членовите, а доаѓа неколку дена откако дел од високите функционери на оваа партија се спротивставија на неговата одлука за излегување од Владата и коалицијата. За нов претседател на Собранието на Алијанса на Албанците е избран Назим Таипи.
„Исклучивме и некои членови на претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Тоа се осум од 46 членови на централното претседателство, така што тоа продолжува со мнозинството членови, а Собранието со апсолутно мнозинство во Централното собрание. За Мимоза Муса не беше донесена одлука, бидејќи не беше добро дефинирана пораката дали останува со Алијансата за Албанците или останува со Влен, немаме јасна порака“, рече Таравари.
Рече дека тие што ја напуштиле партијата не мислеле на народот. Таравари во моментов работи само со тројца пратеници, откако и пратеничката Мимоза Муса најави дека ќе остане дел од коалицијата ВРЕДИ во Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа