Груевски: Ветено и остварено историско намалување на невработеноста

 

 

Ветено и остварено е историско намалување на невработеноста, решен е горливиот проблем со стечајците од држаните фирми, а земјоделците ги добија ветените субвенции, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски елаборирајќи го сработеното на Владата во периодот на власт 2011 - 2014 година.  

Како што рече Груевски, Македонија е единствена земја во Европа која забележа намалување на стапката на невработеност во услови на светска и европска должничка криза. Во 2013, стапката на невработеност во Македонија се намали на 28,7 проценти што е историски најниско ниво во последниве 17 години, откако се спроведува Анкетата на работна сила, рече Груевски.

Со тоа, додаде премиерот, стапката на невработеност се намали од претходните високи нивоа од 38 проценти колку достигна во периодите на владите на СДСМ, на 31,8 проценти во 2011 година и на 30,6 проценти во 2012 година, за да се сруши психолошката бариера од 30 проценти во 2013 и да се намали на 28,7 проценти во третиот квартал лани.  Минатата година, истакна, првпат стапката на вработеност надмина 40 проценти, најдобро остварување откако се спроведува Анкетата на работна сила. Креирани 116.155 нови работни места, во периодот до 2013 година, од кои 39.639 нови работни места во перидот од вториот квартал 2011 до третиот квартал минатата година.

Владата остана доследна и на ветеното во земјоделството, рече Груевски. Во досегашниот период, како што рече, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на македонските земјоделци им исплати 590,7 милиони евра. Во буџетот за 2014 година, за земјоделците се предвидени 140 милиони евра за субвенции.

-  И покрај светската криза кога голем број земји ги одложија или ги намалија субвенциите, Владата во континуитет ги зголемуваше субвенциите за земјоделците, рече Груевски.

Тој се осврна и на прашањето на стечајните работници, оценувајќи дека Владата нашла начин да ја исправи неправдата над таа категорија граѓани во транзицијата.

- Со закон се утврди право на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година. Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надоместок во висина од најмалку 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување, рече Груевски.

16.03.2014 - 15:31
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега