Реализирана средбата меѓу Попоски и неговиот германски колега

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше работна средба со неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмајер, министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија. 

На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, Попоски го информирал својот германски колега за реформите што ги спроведува Македонија, а се  оврзани со интеграциите во ЕУ. Тој се осврнал на актуелниот статус и остварените резултати во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

- Дискутиравме околу регионалниот контекст и важноста на евроинтеграциите за долгорочна стабилност. Споделена е оценка дека кредибилноста на процесот е интерес на кандидатите, но и на членките на ЕУ. Оценивме и дека клучот е во економскиот развој. Најважни се реформите кои ќе обезбедат поволна економска клима и оддржлив раст. Германија има интерес напредокот кон ЕУ да биде базиран на остварувањата. Воедно почитувањето на меѓународното право денес е уште поважно колку за кандидатите, толку и за самата ЕУ. Корисно е тоа да биде водилка во носењето на одлуки во Советот на ЕУ, изјавил министерот Поповски по средбата.

Тој посочил дека од својот германски колега добил јасна порака дека Германија има интерес да ја види Македонија во ЕУ. - Притоа процесот со кандидатите би се водел врз воспоставените принципи имајќи ги предвид научените лекции од претходните проширувања. Бундестагот е подржувач на силна ЕУ а таква ЕУ е со Балкан во неа. Тоа е и македонски интерес, истакнал шефот на македонската дипломатија. 

Во рамките на својата посета на Германија, Попоски  имал обраќање пред Комисијата  за европски прашања на германскиот Бундестаг. Притоа, тој ги презентирал достигнувањата во повеќе сфери, пред се заложбите на Владата за економски реформи и раст како врвен приоритет, но и предизвиците со кои се соочува Република Македонија на својот евроинтегративен пат. Во оваа насока од германските пратеници побарал поддршка за натамошно придвижување на евроинтеграцискиот процес. Попоски одговарал и на прашања поставени од пратениците.

Во германскиот Бундестаг, Попоски се сретнал со повеќе пратеници од редовите на Христијанско демократската унија и Социјалдемократската партија кои се познавачи на регионот и  на Република Македонија. Акцент во разговорите бил ставен на перспективите на членството на Македонија во ЕУ и НАТО и формата на конкретна поддршка која СР Германија е во позиција да ја пружи. Министерот Попоски се осврнал на важноста од повидлива поддршка од страна на германскиот Парламент со цел забрзување на процесот на интеграција.

Попоски се сретнал и со советниците на германската Канцеларка Ангела Меркел за надворешна и безбедносна политика, како и европски прашања. 

Министерот Попоски учествувал и на работен брифинг во организација на Фондацијата Конрад Аденауер од Берлин, при што биле разменети мислења за актуелните регионални предизвици и видувања околу можностите за македонската интеграција во ЕУ.

12.03.2014 - 19:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега