Груевски најави вработување на 4.000 лица

Премиерот Никола Груевски денеска пред синдикатите во Домот на АРМ истакна дека преку активни програми и мерки за вработувања опфатени во Оперативниот план за 2014 година предвидени се вработувања на 4.000 лица.

- Оваа година продолжуваме со Оперативниот план за  2014 година. Во него дефинирани се видот на активните програми,  целните групи, потребните средства и изворите на средствата, како и конкретните активности,  рокови за субјектите надлежни за имплементација на одделните активности. Оваа година преку Оперативниот план за  активни програми и мерки за вработување се планира да учествуваат 9.135 активни баратели на работа за што се обезбедени 525.788.240 денари. Со овие средства предвидено е да се вработат  над 4.000 луѓе, рече Груевски.

Груевски денеска пред синдикатите потенцираше дека од 2006 година до денеска се отворени над 100 илјади нови работни места. Премеирот потенцира и дека невработеноста од тогашните околу 38 отсто падна на историски најниските 28,7 отсто.

Програмите во Оперативниот план се насочени кон потребите за поттикнување паметен, одржлив и инклузивен раст и вклучуваат програми и мерки, како што се Програма за самовработување, Програмата за финансиска поддршка на правни субјекти (микро и мали претпријатија и занаетчии) за отворање  нови работни места, Програмата за субвенционирано вработување во која што се опфатени повеќе категории граѓани како што се субвенционирање на вработување на деца без родители, на инвалидни лица, на млади лица до 29 години (Прва шанса), Програмата за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, како и Програмата за подготовка за вработување, Обука кај познат работодавач, Обука за напредни ИТ вештини, Практиканство, Едукација за започнување бизнис, Мотивациски обуки и Програмата општинско корисна работа.

20.01.2014 - 13:30
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега