Стартуваше обуката на кандидатите за полициски службеници

 

Во Центарот за обука на МВР во Идризово вчера започна едногодишната обука на 440 кандидати за полициски службеници кои беа селектирани по објавениот конкурс за прием на 400 полициски службеници од октомври минатата година.

На конкурсот објавен на 7 октомври минатата година за прием на 400 извршители на работно место “полицаец“ беа пријавени вкупно 5.503 кандидати. По завршувањето на неколкуте фази на проверки во кои беа опфатени тестирања на физичките (моторички) способности на пријавените кандидати, потоа психо-образовни тестирања и соодветните здравствени проверки кои беа спроведени од средината на ноември до средината на декември минатата година од вкупниот број пријавени, по принципот на рангирање, беа избрани 440 кандидати кои што во наредните месеци ќе бидат обучувани во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста во Идризово. Притоа со овие кандидати е потпишан Договор за основна обука за полицаец во траење од една година започнувајќи од вчера.

Секој од модулите е во траење од по четири месеци при што три месеци кандидатите ќе имаат теоретска обука а по еден месец практична, теренска обука. По завршената основна обука од една година, Договор за вработување со МВР потпишуваат 400 кандидати согласно ранг листа изготвена од Центарот за обука.

16.01.2014 - 12:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега