Трамп до министрите: Вие сте задолжени за отпуштањата, ако не ги решите, тогаш Маск ќе ги реши
Американскиот претседател Доналд Трамп им кажа на членовите на неговиот кабинет дека тие се одговорни за кратењето на работните места, а не Илон Маск, бидејќи продолжуваат прашањата за улогата на милијардерот во големите промени во федералната влада.
Трамп рече дека им кажал на своите министри на состанок зад затворени врати на кој присуствувале повеќето членови на кабинетот, како и Маск.
Во исто време, Илон Маск на приватни состаноци со републиканските пратеници изјави дека не е виновен за масовните отпуштања на федералните работници што предизвикаа бес низ САД. Според Асошиетед прес, во разговори со конгресмени кои се под притисок на гласачите незадоволни од отпуштањата на илјадници работници, вклучително и воени ветерани, Маск рекол дека одделни федерални агенции носат одлуки за отпуштање.
„Не сакам да видам големи отпуштања каде што многу добри луѓе ќе ги загубат своите работни места. Сакам министрите да ги задржат добрите луѓе, а оние кои не работат добро, на кои не може да се смета, кои не доаѓаат на работа и слично, тие луѓе можат да бидат отпуштени“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
„Ако министрите можат да ги направат кратењата, тоа е подобро. И ако не ги направат кратењата, тогаш Илон ќе ги направи“, рече Трамп.
Маск е јавното лице на напорите на администрацијата на Трамп да ги намали федералните трошоци и бројот на вработени преку Одделот за владина ефикасност, познат по својот акроним DOGE, кој, и покрај неговото име, не е вистинска федерална агенција. Сепак, Белата куќа останува на ставот дека Маск не е шеф на DOGE, туку „специјален државен службеник“ кој го советува претседателот и нема овластување да поставува политика.
Нејаснотијата околу тоа кој раководи со DOGE и каква власт всушност има Маск поттикна критики и правни предизвици поврзани со DOGE и масовните отпуштања во бројни агенции. Трамп ја додаде конфузијата кога во обраќањето пред Конгресот оваа недела рече дека DOGE е „воден“ од Маск, пренесува медиумот.
Трамп ги даде коментарите откако пратениците од двете партии изразија загриженост дека министрите, а не Маск, треба да носат одлуки за вработување и отпуштање.
Во вторникот, лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, републиканецот од Јужна Дакота, изјави за Си-Ен-Ен дека целите на Маск се здрави, но дека раководителите на агенциите „веројатно се поинформирани за индивидуалните програми“.
Администрацијата на Трамп планира нови големи намалувања на бројот на вработени во федералната администрација.
„Златното доба на Америка штотуку започна. Во последните шест недели, нашата администрација ги исполни ветувањата какви што немаше, секогаш ставајќи ја Америка на прво место. Сега кога е формиран мојот кабинет, им наложив на министрите и раководството да работат со ДОГЕ на различни мерки за намалување на трошоците и кадровски прашања. Како министрите ќе ги запознаваатлуѓето во различните министерства и ќе ја сфатат нивната работа, ќе можат многу прецизно да видат кој останува а кој заминува Велиме „скалпел“, а не секира. Заедно со Елон, ДОГЕ и други големи луѓе ќе успееме да постигнеме историски резултати.
Само што имавме средба со повеќето министри, Илон и другите, и беше многу позитивна средба. Многу е важно да се намали бројот на вработени на вистинско ниво, но подеднакво е важно да се задржат најдобрите и најпродуктивните луѓе. Овие состаноци ќе ги продолжиме на секои две недели додека не се заврши оваа многу важна работа. Односите меѓу сите во таа соба се извонредни. Сите сакаат да стигнат до истата цел, а тоа е, едноставно, Америка да ја направиме повторно голема“, напиша Трамп на својата мрежа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа