„Рамбл“ на Крис Павловски отвори претставништво во Скопје
Компанијата „Рамбл“ на канадскo-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, отвори подружница во Македонија. Павловски е истакнат поддржувач на Доналд Трамп и пријател на најбогатиот човек на светот Илон Маск.
Од вчера во земјава е основана „Румбле Клауд Дооел Скопје“, со седиште во Дебар Маало. Како директори се заведени Крис Павловски и Брендон Александроф од Торонто, а официјалната дејност е „компјутерска инфраструктура, обработка на податоци, серверски услуги и сродни дејности“.
Павловски е основач на платформата „Рамбл“, која е замислена како алтернатива на „Јутјуб“. Неодамна, Павловски стана милијардер благодарение на инвестицијата од 775 милиони долари од криптогигантот „Титер“. „Форбс“ проценува дека вкупното богатство на Павловски сега изнесува околу 1,3 милијарди долари. Акционери во „Рамбл“ се Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и потпретседателот на Трамп, Џеј Ди Венс.
Павловски е познат по своите блиски односи и со други личности кои сега имаат значајни функции во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Минатото лето, веднаш по формирањето на новата македонска влада, тој пристигна во Скопје заедно со Девин Нунес, директор на „Трамп Медиа“. Заедно со нив беше и Хауард Лутник, сопственикот на инвестициската компанија „Кантор Фицџералд“, кого Трамп неодамна го назначи за американски секретар за трговија.
Тројцата бизнисмени тогаш беа пречекани од македонскиот државен врв, вклучувајќи го премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На средбите беа разгледани можности за соработка, а веднаш беше најавено дека новата компанија ќе има значајна улога во развојот на дигиталните услуги и облак технологијата во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа