Димитриевски: Утре сум на распит пред обвинител
Коментирајќи за ослободителната пресуда за „Организаторите на 27 април“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во „Клик Плус“ на ТВ21 откри дека утре е на распит во обвинителството за овој случај.
Димитриевски во тој момент беше во Собранието кога се случи тој немил настан.
„Утре сум повикан на распит во Обвинителството за овој предмет после 6-7 години. Историјата ќе каже кој бил во право, но факт е дека од поединци имаше сериозни кривични дела. Останатите беа учесници на толпа, не терористи. На крајот на краиштата јас не треба да коментирам судска одлука“, рече Димитриевски.
Тој вели дека не може со сигурност да тврди кој беше „сценарист“:
„Беа осудени лица за дела кои всушност не ги направиле. Бев присутен во момент кога се самозаштитував себеси, имав на моменти рефлексни реакции за да се одбранам себеси или пак некој од моите колеги пратеници во тој момент. Гледам луѓе кои се обвинети на отслужување на казна затвор а знам дека не пипнаа никого со прст во мое присуство, од друга страна знаеме дека луѓе кои што буквално со метални предмети, конкретно мене, не млатеа по глава и тие не се на отслужување на казна. Да не беа отворени вратите на Собранието таа незадоволна толпа ќе останеше надвор, не се влегува така лесно во Собрание“, вели Димитриевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа