Сиљановска Давкова: Жените на чело на централните банки носат голема одговорност

 


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерките на централните банки од регионот: Ирена Радовиќ на Црна Гора и Јасмина Селимовиќ на Босна и Херцеговина, кои учествуваа на конференцијата „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: Покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“, што во организација на Народната банка на Република Северна Македонија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, се одржа денеска во Скопје.

На средбата се разговараше за улогата на жените на раководни позиции и перспективите за ефективно управување и носење одлуки, поттикнувајќи ги иновациите и продуктивноста, а особено нивниот пристап кон социјалните прашања, преку политиките коишто застапуваат еднаквост и образование.

Соговорничките посочија дека зголемувањето на учеството на жените на раководни позиции не е само прашање на правичност, туку и стратегиска предност за создавање поурамнотежени и напредни економии и дека женското лидерство е од клучно значење за поттикнување инклузивен економски раст и општествен развој.

 

Претседателката Сиљановска Давкова, нагласувајќи дека жените на челни позиции во финансискиот сектор носат голема одговорност, порача дека тие претставуваат пример и инспирација за сите други жени кои го бараат своето место во општеството да ја постигнат својата професионална цел и кариера.

01.10.2024 - 16:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега