Јавниот повик е распишан: Следува набавка на 120 електрични еколошки автобуси
Веќе е распишан јавниот повик за набавка на 120 електрични еколошки автобуси, а согласно Законот за јавни набавки понудите се собираат во рок од 30 дена и треба да стигнат до средината на јули, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Автобусите, како што кажа, ќе доаѓаат со станици за полнење.
-Предвидено е на два автобуси да има најмалку една станица за полнење што значи дека целиот систем е добро осмислен. Се надевам дека ќе имаме поголема конкуренција и дека повеќе компании ќе се пријават на повикот. Со тоа би ги имале најдобрите и најмодерни автобуси со најдобра цена, рече Николоски во одговор на новинарско прашање на пуштањето во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост – Богданци на кое присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Од 120. Автобуси, како што кажа, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во главниот град, а останатите 40 да им бидат поделени на општините кои извршуваат јавен превоз.
-На тој начин се надевам дека ќе помогнеме не само за побрзо и поефикасно да стигнуваат граѓаните во рамки на општините во кои живеат, но и за заштита на животната средина зашто се работи за целосно електрични автобуси кои треба да намалат голем дел од загадувањето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа