Градоначалничката Арифи на средба со белгиската амбасадорка Ван Калстер
Амбасадорката на кралството Белгија што ја покрива Македонија од Амбасадата во Софија, Аник ван Калстер денеска ја посети општина Тетово при што се сретна и со градоначалничката Теута Арифи.
По средбата изјава за медиумите даде само градоначалничката Арифи која потенцира дека на средбата станало збор за можноста за организирање заеднички настани од сферата на културата што би се реализирале во Тетово, за инвестирање на фирми и компании од Белгија во слободната економска зона кај Тетово, како и за воспоставување поблиска соработка со град или локална самоуправа од таа држава.
- Со оглед дека станува збор за прва посета на претставник од Белгија на Тетово разговаравме и за размената на меѓусебни искуства во водењето на општините во двете земји, особено што и Белгија е повеќејазична и повеќенационална држава. Ние од претходно имаме соработка со Брисел како главен град на Белгија и како седиште на Европската Унија така што сакаме да ја прошириме и соработката на локално ниво изјави Арифи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа