Седници на пет собраниски комисии
Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за политички систем и односи меѓу заедниците, за образование, наука и спорт, и за прашања на изборите и именувањата.
Пред членовите на Комисијата за надворешна политика е Претставување на платформата за дипломатски активности на новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Република Косово, Илија Страшевски.
На дневен ред на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се најдат предлог законите за изменување и дополнување на законите за гласиштата и за земјоделското земјиште, двата во второ читање.
Предлог дневниот ред се дополнува со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, и со Предлог-законот за консолидација на земјоделско земјиште, двата во прво читање.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправаат по предлог-законите за медијација во второ читање, за изменување и дополнување на Кривичниот законик во прво читање, за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка во прво читање, за забрана на користењето на симболот истакнуван на знамето на Република Македонија пред влегувањето во сила на привремената спогодба потпишана меѓу Република Македонија и Република Грција во 1995 година и знамето што го содржи овој симбол, поднесен од пратеникот Ивон Величковски во прво читање и за амнестија во прво читање.
На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт ќе се најде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спортот во прво читање.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе расправаат за Утврдување Предлог одлуки за избор на претседател на Државната изборна комисија, за именување на претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, за избор на членови на Комисијата за електронски комуникации, за избор на член на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво, за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа