Груевски го пушти во употреба резервоарот за вода во Сиричино
Шефот на Владата, Никола Груевски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на резервоарот за вода со капацитет од 300 метри кубни во близина на селото Сиричино, општина Јегуновце.
- Резервоарот којшто го изградивме е наменет да опслужува 11 населени места со над 7.000 жители. Во него се инвестирани 9.300.000 денари, најголем дел инвестиција на Владата, а свој удел има и Општина Јегуновце. Со заеднички напори ги надминавме проблемите како што беше неисправната вода од бунарите и слабиот доток во водоводниот систем и верувам дека со изградбата на овој резервоар голем дел од вашите проблеми со водоснабдувањето конечно ќе бидат надминати, рече Груевски додавајќи дека ова не е единствениот, а уште помалку последен проект со кој Владата вложува за подобрување на животните услови во општина Јегуновце.
Премиерот се осврна и на решавањето на проблемот со водоснабдување со изградба на секундарна мрежа во селата Туденце, Раотинце и Жилче, обнова на основните училишта „Александар Здравковски“ во Јегуновце, „Симче Настовски“ во Вратница и ОУ „Шемшово“ во Шемшово, како и подрачните училишта во Сиричино, Ратае, Раотинце, Рогачево, Јанчиште, Орашје и Старо Село, додека во завршна фаза е изградбата на повеќенаменското спортско игралиште во Ратае.
На свеченоста присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирањето Абдилаќим Адеми: - Еден од приоритетите на Владата е снабдување на сите населени места во државата со квалитетна вода за пиење бидејќи со постојните начини на снабдување од подземните води имаше и неквалитетна вода за пиење. Министерството за животна средина и Владата во овој проект вложија 8,2 милиони денари, додека општината учествуваше со 1,1 милион денари, што е вистински пример за заеднички проекти во интерес на граѓаните, рече Адеми.
Резервоарот кај Сиричино ќе обезбедува здрава вода за пиење до најоддалечените места од изворот во Јегуновце, односно селата Сиричино, Желче, Шемшево и Ратае.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа