Гран При за филмот „Рамадан“ на Ролф Мандолеси
Филмското остварување „Рамадан“ на Ролф Мандолеси од Италија доби Гран-при „Плакета Милтон Манаки“ за 2013 година на Интернационалниот фестивал на непрофесионален аматерски документарен филм ФАДФ „Камера 300“ во Битола.
Меѓународното стручно жири, предводено од Стефан Сидовски, по прегледувањето на 41 аматерски документарен филм од 12 држави, одлучи наградата „Златна камера 300“ да и биде доделена на Зорица Петровиќ од Србија за филмот „Овчарски услуги“, „Сребрена камера 300“ на Сергеј Вознесенски од Русија за филмот „Бисерот на Железногорск“, додека „Бронзена камера 300“ ќе добие Јан Вудворд од Англија за аматерскиот документарен филм „Лудиот Робин“.
- Фестивалските награди ќе ги доделиме утревечер кога фестивалот свечено ќе биде отворен, а на присутната публика ќе и бидат презентирани наградените аматерски документарни филмови. Како организатори одлучивме да ги наградиме и Наташа Чавдаровска од Македонија за филмот „Мојот живот е виножито“, која ќе добие плакета за најдобра репортажа, награда за режија „Драги Савевски“ ќе добијат Катерина и Митко Филеви за филмот „Амут“, награда за монтажа ќе добијат авторите на бугарскиот филм „Поколение“ - Величко Великов и Красимир Георгиев, плакета за најдбра идеја ќе му биде врачена на Роберт Велс од САД, автор на филмот „Мистерија на дрвјата“, додека награда за најдобра камера ќе добие гостинката од Србија Зорица Петровиќ, соопшти Стефан Хаџиандоновски, директор на ФАДФ „Камера 300“.