Директор и шестмина вработени во тетовското Социјално ќе одговараат за злоупотреби
СВР Тетово поднесе кривична пријава против седуммина вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување документи, со што овозможиле незаконска исплата од 289.495 денари, соопшти полицијата.
Според МВР, И.Е. (42) од с. Пршовце изготвил записник со кој незаконски се овозможила ретроактивна исплата на средства на едно лице од Тетово.
А.Х. (45), Б.И. (45), Т.С. (62), Д.О. (59) и Б.А. (46), сите од Тетово и околината, во различни улоги дозволиле злоупотреба на службената положба. Некои од нив пропуштиле да извршат контрола, додека други ја ставиле на располагање својата службена шифра и печат, со што биле одобрени нелегалните исплати, велат од МВР.
Шестопријавениот, директорот на Центарот, не покренал постапка за утврдување одговорност иако постоеле индиции за злоупотреба, додека седмопријавениот потпишал и заверил документ во име на лице кое веќе било во пензија, овозможувајќи незаконско користење на социјални права, пишува во полициското соопштение.
Пријавените се товарат за: Злоупотреба на службената положба и овластување, Несовесно работење во службата, како и за Посебни случаи на фалсификување исправи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа