Заврши истрагата за злоупотреби во Онкологија
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Меѓутоа, оттаму не даваат повеќе детали, бидејќи во моментот течат роковите предвидени со Законот за кривична постапка.
-Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал, велат од ОЈО Скопје.
Истрагата траеше повеќе од една година. Започната е на 31 јануари лани и во неа опфатени се пет лица - тројца доктори онколози, како и поранешните медицински и организациски доктори.
Во информацијата која тогаш ја сподели Обвинителството се велеше дека двајцата директори како соизвршители се осомничеи за кривично дело - Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а докторите за помагање при извршување на истото кривично дело. Медицинскиот директор е осомничен и за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста, соопштија од ОЈО Скопје на 31 јануари 2024 година.
Инаку, овој предмет беше оформен благодарение на новинарско истражување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа