Бесими се обрати на симулацијата „Модел Eвропски парламент“
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска се обрати на симулацијата „Модел Eвропски парламент“ што ја организира Меѓународното училиште НОВА. Во своето излагање пред присутните, Бесими порача дека кога станува збор за евроинтеграциите на Македонија, не значи Македонија да ја однесеме во Брисел, туку Брисел да го донесеме во нашата земја.
На третата Национална сесија на „Модел Европски парламент“ во симулацијата на работата на Европскиот парламент учествуваат околу 80 ученици од 21 среднo училиштe на Република Македонија. Тие играат улога на парлементарци на држави членки на Европската унија на сесија на Европскиот парламент каде симулираат дијалог и носење резолуции.
- Младоста е најважниот ресурс за развојот, а образованието е клучно за изградбата на капацитетите на државата. Симулацијата како Европа работи во иднина ќе ви овозможи да бидете покреативни, да ги промовирате вредностите на демократијата и ги согледате различностите, рече Бесими.
Виктор Новаковски од НОВА им рече на учесниците дека веќе три дена се делегати на Европскиот парламент што, како што нагласи, е најдобар начин да научат и согледаат што се случува таму.
- Оставете мала шанса дека можеби токму оваа симулација ќе биде школата на вашиот живот. Можеби не за сите но за пет отсто од вас тоа ќе биде сигурно и ќе ви го одреди идниот пат, им парача Новаковски.