Стерјовски: Да го чуваме, негуваме и пренесуваме македонскиот јазик со љубов, гордост и достоинство

 

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во свое и во име на партијата, упати честитка по повод 5 мај, Денот на македонскиот јазик, до сите Македонци каде и да се, наведувајќи дека „со посебна гордост и длабоко чувство на припадност, го одбележуваат овој значаен ден, негувајќи го македонскиот јазик, затоа што само со него ние сме Македонци“.

- Оваа година одбележуваме и 81 година од непрекината настава на македонски јазик во Преспа – нашата лулка на македонската култура и образование во Албанија. Како поранешен ученик кој ги поминал своите училишни денови во Преспа, особено сум благодарен на сите наставници кои дале сè од себе за да го зачуваат и пренесат мајчиниот јазик до новите генерации, наведува Стерјовски.

Нашата благодарност, додава, ѝ ја искажуваме и на Република Албанија, која ја признава македонската заедница и ни го гарантира правото на образование на мајчин македонски јазик во областа на Преспа.

Посочува дека македонскиот јазик денес се зборува и негува не само во Преспа, туку и во Голо Брдо, Гора, Девол и во многу албански градови каде што живеат Македонци, Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други.

- Секое говорено, напишано и прочитано македонско слово е дел од борбата за зачувување на нашиот идентитет. Затоа, токму денес, а и секој ден, да се потсетиме дека мајчиниот јазик не е само алатка за комуникација – тој е духовна и културна вредност, темел на нашето постоење и наше најсилно обележје. Да го чуваме, негуваме и пренесуваме македонскиот јазик со љубов, гордост и достоинство, порачува Стерјовски во честитката.

05.05.2025 - 17:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега