„Македонија да ги почне преговорите за влез во Европската Унија“

 

Aвстрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер изјави дека Австрија ќе се заложи за што побрзо почнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Шпинделегер вчера во Виена рече дека Австрија ќе го следи тоа што по петти пат го препорача Европската комисија - да бидат отворени пристапните преговори со Македонија.  

Оцени дека е во интерес на Виена, но и на Брисел, ЕУ да се прошири кон Западен Балкан.

- Сега е времето да ги преземеме потребните мерки за да се обезбеди сигурност, стабилност и економски раст во нашето непосредно соседство во иднина, изјави шефот на австриската дипломатија.

Според австтрискиот министер, Западниот Балкан е регион во просперитет, а од неговата политичка стабилизација и економски развој ќе профитира и австриската и европската економија.

Покрај поддршката за старт на преговорите со Македонија, Шпинделегер се заложи за отворање на пристапниот дијалог и со Србија, за склучување Спогодба за стабилизација и асоцијација со Косово и за доделување кандидатски статус на Албанија. Разочарување од состојбата искажа само за Босна и Херцеговина, порачувајќи им на босанските  власти дека ако сакаат во ЕУ ќе мора да ги спроведат неопходните реформи, бидејќи отстапки ќе нема. 

18.10.2013 - 08:44

најчитано сега