Од 1. ноември ќе почнат контролите на е-дневникот

Министерството за образование и наука на 1. ноември ќе ги стартува контролите на внесувањето податоци во е-дневниците.

Ова денеска го најави министерот Спиро Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со општина Илинден и МЕПСО.

- Не ни е целта да извршиме контроли за да ги казниме наставниците, туку  да обезбедиме целосна функционалност на е-дневникот, негово навремено и комплетно исполнување со податоците кои се неопходни за учениците, нивните родители и за наставниците. Контролите ќе бидат реализирани на целата територија на Република Македонија, рече министерот Ристовски.

Тој најави дека од идниот месец, контролите на е -дневникот во континуитет ќе се спроведуваат онака како што е планирано, односно со еднаш неделно внесување на сите податоци и со намалените прекршочни одредби во рамки на Законот за просветна инспекција.

- Нашата основана цел е да обезбедиме целосна функционалност на е-дневникот, функционалност на наставниците и навремена информираност на родителите, истакна министерот.

Ристовски објасни дека летово е корегирана платформата на која функционира е-дневникот, бидејќи наставниците се соочуваа со технички проблеми.

- Сега е-дневникот работи на комплетно нова позадинска платформа. Обезбеден е дополнителен агрегатор кој обезбедува заштита од евентуален пад и губење на струја и интернет конекција. Истовремено корегирани се голем број процеси во работата на електронскиот дневник, а во тест периодот во септември исклучително е подобрена неговата функционалност, прецизира Ристовски и додаде дека од 1 октомври веќе се користи е-дневникот со новата платформа.

Тој најави дека за дваесетина дена ќе бидат готови и целосните резултати од екстерното тестирање. 

17.10.2013 - 13:17
Фото: 
МИА

најчитано сега