Од денеска можете да се вакцинирате за сезонски грип
Граѓаните од денеска ќе можат да се вакцинираат против сезонски грип во центрите за јавно здравје и во овластените приватни здравствени установи низ Македонија. Вакцинацијата не е задолжителна, и чини 400 денари.
Оваа година се набавени околу 30.000 дози тритипна вакцина, произведени од фармацевтска компанија „Глаксо Смит Клајн“ од Белгија. ОД Министерството за здравство велат дека вакцините се безбедни, со врвен квалитет и одобрени од Бирото за лекови.
Грипот е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина. Најчести симптоми кои се јавуваат се треска, настинкa, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. Обично, грипот се пренесува преку воздухот со кашлање или кивање, создавајќи аеросоли кои што го содржат вирусот. Грипот обично дава лесна клиничка слика, но може и да заврши со посериозни комликации. Од Министерството за здравство препорачуваат, граѓаните, посебно лицата од ризичните групи навремено да се вакцинираат.