Случајот Телеком се сели во Лондон

 

Тројцата директори на Маѓар Телеком, кои се обвинети дека корумпирале функционери во претходната македонска Влада, меѓу 5 и 7 ноември ќе се соочат со претставници на американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ).

Одлуката за ова соочување, пред неколку дена ја донел судијата Ричард Саливан од Јужниот окружен суд во Њујорк. НА соочувањето во Лондон, на кое свој исказ ќе дадат обвинетите Елек Штрауб, Тамас Морваи и Андраш Балог, нема да присуствува претставник на судот, но исказите ќе може да се употребат во текот на судењето. Адвокатите од Вашингтон и Њујорк, кои ги бранат тројцата обвинети унгарски директори, изјавиле дека тие ќе се бранат со молчење, на што имаат право според американскиот Устав.

- Обвинетите велат дека ќе се повикаат на своето право да се бранат со молчење во сите, освен во најпрвичните прашања. Комисијата за хартии од вредност планира да го предизвика ова нивно право, изјавиле претставниците на СЕЦ, кои веќе со години го водат случајот против
Маѓар Телеком.

Судијата Саливан постави рок до крајот на јануари 2015 година за завршување на процесот, поради што се очекува дека ова сослушување нема да биде последно. По сослушувањето, почнува фазата на изнесување на доказите пред судот. Во СЕЦ и во Јавното обвинителство на САД одбиваат да зборуваат за овој случај и да изнесат повеќе детали за карактерот на доказите кои ги поседуваат за да го докажат потплатувањето на македонската Влада во 2005 година, а засега и обвинетите Штрауб, Морваи и Балог се бранат со молчење.

За нивните клиенти да се поштедат од долгиот пат до Њујорк или Лондон, адвокатите на обвинетите побарале соочувањето да се организира во Будимпешта. 

- Патувањето од Будимпешта до Њујорк подразбира најмалку 15 часа летање во една насока, потреба за прилагодување на нова временска зона и време за состаноци со претставниците. Г-дин Штрауб има 68 години и е пензиониран неколку години и за него би било голем товар да се одвои од семејството и обврските и да патува до САД само за да се изјасни дека нема да сведочи во овој момент. Г-дин Морваи има деловни обврски, а неодамна му се роди син, при што е обврзан да се грижи за детето во текот на ноќта. Отсуство од една недела би било голем товар за него, пишува во барањето на адвокатите Роберт Булер, Вилијам Саливан и Мајкл Кониг, кои ги застапуваат тројцата обвинети Унгарци. Андраш Балог се повикал на обврски во комуналната компанија во која сега работи, како и на смртен случај во семејството на сопругата, како оправдување зошто не може да патува до Њујорк.

Тројцата менаџери на Маѓар Телеком, компанијата – ќерка на германскиот Дојче Телеком, која ги купи Македонски Телекомуникации, се обвинети дека во 2005 година исплатиле мито на високи претставници на македонската Влада, на водечки претставник на владејачката партија СДСМ, како и на главниот албански коалициски партнер ДУИ, за да спречат спроведување на законската обврска на Владата да дозволи влез на нови телекомуникациски оператори во земјата, кои како конкуренција на доминантните Македонски Телекомуникации би можеле да преземат дел од пазарот и да ги соборат цените за корисниците.

Ова е втор процес кој СЕЦ го води во Њујорк против Маѓар Телеком и Дојче Телеком.

17.10.2013 - 08:59

најчитано сега